Терминологија

Договор за јавна набавка

,,Договор за јавна набавка” е договор од финансиски интерес кој ги вклучува и секторските договори, склучен во писмена форма меѓу еден или повеќе договорни органи од една страна и еден или повеќе економски оператори од друга страна, а чиј предмет е изведување на работи, испорака на стоки или обезбедување на услуги согласно со овој закон.

Секторски договор

„Секторски договор“ е договор за јавна набавка што се доделува во функција на вршење на една или повеќе дејности од членот 176 став (1) на овој закон.

Постапка за доделување на договор за јавна набавка

,,Постапка за доделување на договор за јавна набавка” е постапка што ја спроведуваат еден или повеќе договорни органи, чија цел или дејство е купување или стекнување на стоки, услуги или работи.

Отворена постапка

,,Отворена постапка” е постапка во која секој економски оператор има право да поднесе понуда.

Ограничена постапка

,,Ограничена постапка” е постапка во која секој економски оператор има право да поднесе пријава за учество, а само кандидатите избрани од страна на договорниот орган се покануваат да поднесат понуда.

Конкурентен дијалог

,,Конкурентен дијалог” е постапка во која секој економски оператор има право да поднесе пријава за учество и според која договорниот орган води дијалог со избраните кандидати со цел да се утврди едно или повеќе соодветни решенија кои ќе ги задоволат неговите барања и врз основа на кои избраните кандидати ќе ја изготват својата понуда.

Постапка со преговарање

,,Постапка со преговарање” е постапка во која договорниот орган ги консултира избраните кандидати и преговара за условите од договорот со еден или со повеќе од нив.

Постапка со барање за прибирање на понуди

,,Постапка со барање за прибирање на понуди” е е поедноставена постапка за доделување на договор за јавна набавка, која се спроведува согласно со Главата V Дел 6 од овој закон.

Рамковна спогодба

,Рамковна спогодба” е писмена спогодба меѓу еден или повеќе договорни органи и еден или повеќе економски оператори за да се утврдат основните услови кои ќе ги регулираат договорите за јавни набавки што треба да се доделат во определен период, особено во поглед на цената и, ако е можно, предвидените количини.

Електронска Аукција

"Електронска аукција" е повторлив процес на негативно наддавање кој се реализира по првична целосна евалуација на понудите, во кој понудувачите имаат можност, исклучиво со користење на електронски средства, да ги ревидираат дадените цени, така што рангирањето се врши автоматски со помош на електронски средства.

Тендерска документација

"Tендерска документација" е збир на документи, информации и услови кои претставуваат основа за изготвување, доставување и оценување на пријавата за учество, односно понудата.

Техничка спецификација

"Техничка спецификација" е збир на технички услови, прописи, препораки и стандарди со кои детално се дефинираат минималните барања од технички аспект кои стоките, услугите или работите предмет на договорот за јавна набавка треба да ги задоволат.

Економски оператор

"Економски оператор" е секое физичко или правно лице или група на такви лица кои на пазарот нуди стоки, услуги или работи.

Кандидат

"Кандидат" е секој економски оператор кој доставил пријава за учество во ограничена постапка, постапка со преговарање или конкурентен дијалог.

Пријава за учество

"Пријава за учество" е предлог на кандидатот со кој ја докажува својата лична состојба, техничка или професионална способност, финансиска и економска состојба како услов за добивање на покана за доставување на понуда во ограничена постапка, постапка со преговарање или конкурентен дијалог.

Понудувач

"Понудувач" е секој економски оператор кој поднел понуда.

Учесник на конкурс за избор на идејно решение

"Учесник на конкурс за избор на идејно решение" е секој економски оператор кој има поднесено проект на конкурс за избор на идејно решение.

Понуда

"Понуда" е предлог од понудувачот изготвен врз основа на тендерска документација и претставува основа за доделување на договор за јавна набавка.

Техничка понуда

"Техничка понуда" е дел од понудата со која се докажува исполнувањето на поставените технички барања и услови од тендерската документација.

Финансиска Понуда

"Финансиска понуда" е дел од понудата во која се содржани понудените цени согласно со условите од тендерската документација.

Алтернативна понуда

"Алтернативна понуда” е понуда со која се нудат поинакви карактеристики на предметот на договорот за јавна набавка од оние утврдени во тендерската документација.

Носител на набавката

"Носител на набавката” е понудувач или група на понудувачи кои склучиле договор за јавна набавка.

Евалуација на понуда

"Евалуација на понуда" е оцена на поднесена понуда во постапката за доделување на договор за јавна набавка.

Прифатлива понуда

"Прифатлива понуда” е понуда која е поднесена во утврдениот рок и за која е утврдено дека во потполност ги исполнува сите барања од тендерската документација и техничките спецификации и одговара на сите критериуми, условите и евентуалните барања за способноста на понудувачите.

Соодветна понуда

"Соодветна понуда“ е прифатлива понуда која е во рамките на износот што го утврдил договорниот орган со одлука за јавна набавка или што може да го дообезбеди согласно со членот 28 став (4) од овој закон

Услуги за истражување и развој

"Услуги за истражување и развој“ се сите активности кои вклучуваат темелно исражување, применето истражување и експериментален развој кој вклучува реализација на технолошки демонстратори, односно уреди кои демонстрираат дејствување на нов концепт или нови технологии во соодветно или репрезентативно опкружување

Одговорно лице

"Одговорно лице” е функционер кој раководи со државен орган градоначалник на единицата на локалната самоуправа или директор на правно лице односно лице овластено од него.

Посебно или екслузивно право

"Посебно или ексклузивно право” е право доделено од надлежен орган кое призлегува од закон или пропис врз основа на закон, со цел да се ограничи спроведувањето на дејностите во одредена област на јавни услуги на ограничен број или на еден правен субјект.

Електронски средства

"Електронски средства” е користење на електронска опрема за обработка и чување на податоци (вклучувајќи и дигитална компресија), кои се пренесени, испорaчани или примени преку кабелски, радио или оптички средства или преку други електромагнетни средства.

Електронски систем за јавни набавки

"Електронски систем за јавни набавки” е единствен компјутеризиран систем достапен на интернет, кој се користи со цел да се овозможи поголема ефикасност и економичност во областа на јавните набавки.

Писмено или во писмена форма

"Писмено или во писмена форма” е секој израз кој се состои од зборови или бројки кои можат да се прочитат, умножат и дополнително да се соопштат, како и информации кои се пренесуваат и чуваат со помош на електронски средства под услов сигурноста на содржината да е обезбедена и потписот да може да се идентификува.

Централно тело за набавки

"Централно тело за набавки” е договорен орган согласно со членот 4 став (1) точки а), б) или в), кој: -набавува во свое име и за своја сметка стоки или услуги кои се или можат да бидат наменети за еден или за повеќе договорни органи или -доделува договори за јавни набавки или склучува рамковни спогодби во име и за сметка на еден или на повеќе договорни органи.

Општ поимник за јавни набавки

"Општ поимник за јавни набавки” е референтна номенклатура што се применува во постапките за доделување на договори за јавни набавки и кој обезбедува еднообразност со останатите постојни номенклатури.