Најчести прашања

Лице за јавни набавки

Кај договорниот орган, кој може да врши и работи од областа на јавните набавки?

Договорниот орган определува лице или организациски облик во чии рамки меѓу другото ќе се вршат и работи од областа на јавните набавки. За лице за јавни набавки може да се назначи лице кое е во редовен работен однос кај договорниот орган и кое е обучено за вршење на работи од областа на јавните набавки. Истовремено, истото треба да има соодветна потврда за положен испит за лице за јавни набавки. Доколку, договорниот орган има определено организациски облик за вршење на работи од областа на јавните набавки, сите лица од истиот треба да имаат потврда за положен испит за лице за јавни набавки.

Кои се обврските на лицето за јавни набавки, комисијата и одговорното лице?

Обврски на лицето за јавни набавки Обврски на членовите на комисија за јавна набавка Обврски на одговорното лице
• ја координира подготовката на планот за јавни набавки,
• ја изготвува одлуката за јавна набавка,
• го објавува огласот за јавна набавка,
• ја советува комисијата при спроведување на постапката за доделување договор за јавна набавка,
• задолжително учествува како член во комисијата за јавна набавка кај постапките за доделување договор за јавна набавка со проценета вредност над 130.000 евра во денарска противвредност за стоки и услуги и над 4.000.000 евра за работи,
• ги подготвува потребните акти врз основа на извештајот од спроведена постапка,
• ги ажурира податоците кои согласно со овој закон се доставуваат во ЕСЈН,
• објавува негативна референца во ЕСЈН согласно со условите од овој закон,
• дава насоки и упатства на договорниот орган во врска со постапување во жалбената постапка во соработка со комисијата за јавна набавка и
• врши други работи согласно со овој закон.
• спроведува технички дијалог со економските оператори,
• отворање на понудите,
• водење на записник, утврдување на способноста на економските оператори,
• утврдување на избрани кандидати,
• проверување на техничките понуди поднесени од понудувачите во врска со условите и барањата од техничките спецификации или од описната документација,
• проверување на финансиските понуди поднесени од понудувачите во врска со цената, соодветни финансиски и други услови утврдени со тендерската документација,
• утврдување на неприфатливи понуди, како и причините заради кои тие понуди се сметаат за неприфатливи,
• утврдување на прифатливи понуди,
• предлагање на најповолната понуда,
• подготвување на извештај за спроведената постапка,
• известување на учесниците во постапката за исходот од соодветната постапка и
• други работи согласно со овој закон.
• носи одлука за јавна набавка
• носи одлука за избор или поништување
• носи годишен план

Правни постапки

Дали постои можност за вложување жалби во случаите на доделување поединечен договор врз основа на рамковна спогодба?

 

Да, економските оператори кои се страни во рамковната спогодба имаат право да вложат жалба  во рок од три дена  по приемот на известувањето за доделен договор. Во конкретниов случај жалбеното барање секогаш ќе биде барање за поништување на поединечниот договор согласно со условите од членот220-а.

 

Дали во постапката за правна заштита Државната комисија за жалби може да го поништи договорот за јавна набавка или рамковната спогодба?

 

Постојат неколку основи за поништување на договорот за јавна набавка или рамковната спогодба, во постапката за правна заштита. Имено, договорот или спогодбата можат да бидат поништени во целост или делумно, ако договорниот орган склучил:

-договор за јавна набавка или рамковна спогодба без претходно спроведена постапка за доделување на договор за јавна набавка, кога тоа е во спротивност на одредбите од овој закон,

-договор за јавна набавка или рамковна спогодба спротивно на членот208 од овој закон,

-договор за јавна набавка или рамковна спогодба спротивно на членот217 од овој закон и

-поединечен договор за јавна набавка врз основа на рамковна спогодба спротивно на членовите 119 став (4) и 120 од овој закон.


Технички дијалог

Што претставува техничкиот дијалог?

Техничкиот дијалог претставува консултации на договорниот орган со деловната заедница со цел да се обезбеди  почитување на принципите на фер конкуренција и недискриминација на економските оператори при изготвувањето на тендерската документација и истиот се спроведува пред објавување на огласот. На овој начин ќе се спречи фаворизирањето на одредени економски оператори/производители, како и определени марки на производи, конкретно производство, патенти и слично. Техничкиот дијалог се спроведува само при доделување на договор за јавна набавка на стоки и услуги.

Кога и кој го спроведува техничкиот дијалог?

Техничкиот дијалог се спроведува од страна на комисиите за јавни набавки, при доделување на договори за јавни набавки на стоки и услуги со вредност над 130.000 евра и тоа пред објавување на огласот за јавна набавка.При спроведувањето на техничкиот дијалог можат да учествуваат и лицата кои ја изготвиле тендерската документација и техничките спецификации.

Како се спроведува техничкиот дијалог?

Тендерската документација  што договорниот орган планира да ја користи се објавува на ЕСЈН. Истата треба да биде објавена најмалку пет дена пред да се затвори техничкиот дијалог. Во овој рок, договорниот орган треба да му овозможи на секој заинтересиран економски оператор да даде свои предлози и коментари. Предлозите и коментарите се даваат преку користење на електронски средства (односно електронска пошта) или на заеднички состанок кој ќе биде организиран од страна на договорниот орган во однапред утврдено време и датум. По завршување на рокот од петдена, комисијата ги разгледува добиените предлози и коментари и ако се прифатливи соодветно ги имплементира во тендерската документација што ќе се користи.

Комисијата за јавна набавка составува записник од спроведениот технички дијалог, кој задолжително содржи опис на предлозите и коментарите, како и образложение за неприфаќање на оние предлози и коментари кои не ги имплементирала во тендерската документација. Договорниот орган го доставува записникот од спроведениот технички дијалог до сите економски оператори кои дале предлози и коментари на објавената тендерска документација.

Што доколку не се спроведе технички дијалог?

Неспроведувањето на техничкиот дијалог согласно со член 210 претставува битна повреда на законот. Имено во случај на жалба,  Државната комисија за жалби по јавни набавки по службена должност проверува дали бил спроведен технички дијалог во случаите каде неговото спроведување било задолжително и доколку утврди дека не е спроведен, ќе ја поништи постапката.

Дали економските оператори имаат право на правна заштита во однос на  дејствијата или пропуштањето за превземање на дејствија поврзани со техничкиот дијалог ?

Да, економските оператори имаат право на жалба во рок од осум дена од денот на приемот на записникот од спроведениот технички дијалог, во однос на дејствијата или пропуштањето за превземање на дејствија поврзани со спроведувањето на техничкиот дијалог.

Дали договорниот орган може по завршувањето на техничкиот дијалог, врз основа на свое воочување за направени пропусти, а не врз основа на дадените коментари и забелешки од страна на деловната заедница, да ги менува техничките спецификации на предметот на набавка?

Доколку договорниот орган изготви нова техничка спецификација, секако дека треба повторно да спроведе технички дијалог за истата. На овој начин доследно би се испочитувале  одредбите од Законот за јавните набавки. Имено, доколку е извршена промена на техничките спецификации, критериумите, условите и барањата во тендерската документација, ќе биде потребно да се изврши и ново истражување на пазарот.


Негативна Референца

Дали економски оператор коj има негативна референца има право на учество во постапки за доделување на договори за јавни набавки ?

 Секој економски оператор има право да учествува, самостојно или како член во група на економски оператори, во постапка за доделување на договор за јавна набавка. Но, правото на учество може да се ограничи на оној економски оператор/и кој/и има/ат една или повеќе негативни референци. Тоа значи дека понудите на овие економски оператори ќе се отфрлат не затоа што истите се неприфатливи, туку поради фактот што истите го изгубиле правото на учество во постапките за доделување договори за јавни набавки во периодот на важење на негативната референца. Доколку економскиот оператор кој има негативна референца е член на група на понудувачи, правото го губи целата група

Дали и при спроведување на ограничена постапка, конкурентен дијалог, постапка со преговарање како и барање за прибирање на понуди, комисијата треба да провери дали за економските оператори е објавена негативна референца?

Негативната референца се издава во текот на постапката за доделување на договор за јавна набавка или во текот на реализацијата на договорот за јавна набавка. На економските оператори кои имаат една или повеќе негативни референци според условите од членовите 47 и 48 од Законот за јавните набавки им се ограничува правото на учество во постапките за доделување договор за јавна набавка. Согласно со член 140 став 2 од законот, комисијата пред да пристапи кон евалуација на понудите, задолжително проверува дали е објавена негативна референца на понудувачите до истекот на крајниот рок за поднесување на на понудите, што го документира во досието на постапката. Понудите на понудувачите кои имаат негативна референца, комисијата не ги евалуира, туку само констатира дека понудувачот немал право да поднесе понуда поради објавена негативна референца.

Каква е обврската на договорниот орган доколку ја активира гаранцијата  на понудата или гаранцијата за квалитетно извршување на договорот ?

Доколку, договорниот орган ја активира гаранцијата на понудата или гаранцијата за квалитетно извршување на договорот, мора да издаде негативна референца. Негативната референца се објавува на ЕСЈН и истата е јавна, бидејќи ќе им биде потребна и на другите договорни органи при вршење евалуација во нивните постапки за доделување договори за јавни набавки. Имено, договорниот орган има обврска да издаде негативна референца на секој економски оператор доколку во текот на постапката се исполни некој од условите за активирање на гаранцијата на понудата. Исто така, доколку дојде до раскинување на договорот и активирање на гаранцијата за квалитетно извршување на договорот, договорниот орган ќе треба да издаде негативна референца на носителот на набавката. Издавањето на негативна референца ќе резултира со губење на правото на учество на тој економски оператор на сите идни постапки во времетраење од една година од денот на издавање на референцата. Секоја наредна негативна референца, периодот на суспензија на правото за учество го зголемува за една година, сe до пет години.  Подетален одговор е даден во Водичот за негативни референци.

 Дали договорниот орган може да издаде негативна референца, доколку не барал гаранција на понудата?

 Согласно со законот, договорниот орган може да бара гаранција на понудата во вид на банкарска гаранција или депонирани средства, а во спротивно задолжително бара изјава за сериозност на понудата и тоа задолжително го наведува во тендерската документација. Изјавата за сериозност на понудата претставува алтернатива на гаранцијата на понуда. Па така, доколку дојде до исполнување на некој од законски пропишаните условите за активирање на изјавата за сериозност, договорниот орган ќе пристапи кон издавање на негативна референца и нејзино објавување во ЕСЈН.

Што претставува изјавата за сериозност на понудата?

Изјавата за сериозност на понудата претставува инструмент на заштита на договорните органи од несериозни понудувачи и истата е алтернатива на гаранцијата на понуда. Воведувањето на изјавата за сериозност на понудата резултира со поголема сигурност за двете страни во постапките за доделување на договори за јавни набавки. Од една страна договорните органи ќе имаат механизам на располагање за санкционирање на несериозните понудувачи, а од друга страна, економските оператори ќе учествуваат  во постапките за доделување договори за јавни набавки  само доколку се сериозни во својата намера, без притоа да се изложуваат на непотребни дополнителни трошоци за вадење на банкарски гаранции.

Кога договорниот орган ја наплаќа гаранцијата на понудата или ги задржува депонираните средства, односно ја активира изјавата за сериозност на понудата?

 Постојат неколку услови кои доколку се исполнат, договорниот орган ќе може да ја наплати гаранцијата на понудата, да ги задржи депонираните средства, односно да ја активира изјавата за сериозност на понудата и тоа:

- Првиот услов, е ако понудувачот ја повлече својата понуда по крајниот рок за поднесување на понудите, а пред истекот на нејзината важност;

-  Вториот услов е ако понудувачот одбие да ги прифати исправките на аритметичките грешки што ги врши комисијата согласно со условите од тендерската документација;

-  Третиот услов за активирање на гаранцијата на понудата е ако понудувачот кој е избран за најповолен одбие да го потпише договорот според условите од неговата понуда и тендерската документација и

-  Последниот услов е ако понудувачот не ја обезбеди гаранцијата за квалитетно извршување на договорот, ако истата се барала во предметната постапка. Имено, во ваков случај не е доволно понудувачот само да го потпише договорот, туку истовремено треба да достави и банкарска гаранција.

Дали во случај на деллива набавка, економскиот оператор доставува гаранција на понуда одделно за секој дел?

Согласно со членот 15 став (2) од законот, предметот на договор за јавна набавка може да се оформи во повеќе посебни истоветни делови, при што за секој дел може да се склучи посебен договор. Понудувачот согласно со став (3) од истиот член може да поднесе понуда за еден, повеќе или за сите делови, при што понудата мора да опфати најмалку еден целосен дел. Согласно со став (4) понудувачот треба во својата понуда да наведе дали истата се однесува на целокупниот предмет на договорот за јавна набавка или само на одредени делови.

Имајќи го предвид наведениов член, сметаме дека  кога предметот на набавка е деллив, по практично би било гаранција на понудата да се достави за секој дел посебно. Иако, во пракса ќе се среќаваат случаи каде понудувачите ќе сакаат да достават една гаранција за сите делови за кои поднеле понуда со цел да избегнат поголеми банкарски трошоци и провизии за вадење на повеќе гаранции.

Кога и под кои услови може да се бара продолжување на гаранцијата на понудата?

Законот ги определил минималните рокови за важност на гаранцијата на понудата, односно истата треба да биде со важност не помалку од 14 дена по денот на истекот на важноста на понудата. Согласно со ставот 6 од член 47 од законот, во исклучителни случаи договорниот орган може да побара од понудувачите продолжување на периодот на важност на гаранцијата на понудата. Оваа можност се користи во случаи во кои договорниот орган не е во можност да ја заврши евалуацијата и да изврши избор на најповолна понуда пред истекот на периодот на важност на понудата. Во ваква ситуација, договорниот орган може да побара од понудувачите продолжување на периодот на важност на гаранцијата на понудата. Истовремено, со продолжување на рокот на важноста на понудата потребно е да се продолжи и рокот на важност на гаранцијата на понудата.

Во ситуација кога по одлука на Државната комисија за жалби по јавните набавки конкретна постапка се враќа во повторна евалуација, договорниот орган не ќе може да ги отфрли понудите чијшто рок на важност изминал. Имено, договорниот орган има обврска да побара продолжување на рокот на важност на понудите, а со тоа соодветно и на гаранцијата на понудата.

Во случај кога понудата е доставена од група на понудувачи, на кого треба да гласи банкарската гаранција?

Кога станува збор за група на понудувачи, банкарската гаранција на понудата може да гласи или на член на групата или на целата група.

Дали, договорниот орган кај постапка со барање за прибирање на понуди со проценета вредност на договорот до 5.000 евра во денарска противвредност, е должен да објави негативна референца на економскиот оператор чија понуда е оценета за најповолна, ако во утврдениот рок не ги достави документите за потврдување на неговата лична состојба?

Да. Согласно со член 102 став 7 од законот, ако економскиот оператор не ги достави документите од ставот 5 на овој член (документите за потврдување на неговата лична состојба) во рокот утврден од страна на комисијата за јавна набавка или истите се невалидни или несоодветни за утврдување на личната состојба, ќе се смета дека понудувачот ја повлекол својата понуда што резултира со издавање негативна референца, а комисијата за јавна набавка го поканува наредниот рангиран економски оператор или дава предлог за поништување на постапката.

Кој може да ја избрише негативната референца?

Согласно со член 14 став 1 алинеја 18 од законот, Бирото за јавни набавки задолжително ја отстранува негативната референца на економски оператори врз основа на одлука на надлежен орган, спогодба со својство на извршна исправа меѓу договорниот орган и носителот на набавката или на барање на договорниот орган придружено со изјава од лицето кое ја издало негативната референца дадена пред надлежен орган за сторена техничка грешка. Што значи дека за да може Бирото да ја избрише издадената негативна референца, потребно е да се достават соодветни докази и тоа: решение на Државната комисија за жалби по јавни набавки, изјава од лицето кое ја издало негативната референца заверена на нотар за сторена техничка грешка, медијациска спогодба или правосилна пресуда од надлежен суд.


Електронска Аукција

Дали се испраќа покана за учество на е-аукција или поднесување на конечна цена на економски оператор кој во првичната понуда пред одржување на аукцијата доставил понуда со цена повисока од проценетата вредност ?

Право на учество на е-аукција имаат сите економски оператори кои доставиле прифатливи понуди и во ситуација кога нивната финансиска понуда ја надминува проценетата вредносткоја ја определил договорниот орган. Од изнесеново произлегува дека, доколку понудата на одреден економски оператор е прифатлива истиот треба да биде поканет на е-акуција.

Дали за услугите од член 17 став 1 алинеја 2 меѓу кои спаѓаат и здравствените услуги како начин на доделување на договорот може да се користи е-аукцијата ?

За доделување на договор за јавна набавка на здравствени услуги, согласно со член 17  став 2 и 3 од законот, е пропишан полиберален режим за набавка. Овој полиберален режим е пропишан со ставовите2и 3 од член 17 на законот, со кои е дефиниран опфатот на процедуралните правила кои задолжително се применуваат при набавка на овие услуги. Истовремено, треба да се потенцира дека овие услуги не подлежат на обврска за спроведување на е-аукција согласно со членовите 122и 123 од законот.

Воедно, треба да се има предвид дека при спроведувањето на овој вид на набавка, треба да се почитуваат и материјалните прописи со кои се уредува областа од која е предметот на конкретната набавка.


Евалуација на Понудите

Дали треба да се прифати понуда која е пристигната по пошта, еден ден по рокот за доставување на понудите?

Согласно со член 130 став 3 од законот, понуда која е поднесена по истекот на крајниот рок за поднесување на понудите, се отфрла како задоцнета и истата ќе му биде вратена на понудувачот неотворена.   На пример, доколку крајниот рок за доставување на понудите бил до 12.11.2013 год. 12:00 часот, а по пошта пристигнала понуда на 13.11.2013година, истата треба да му биде вратена на понудувачот- неотворена. Имено, согласно со ставот 2 од горенаведениот член, понудувачот е тој кој ги сноси ризиците поврзани со поднесување на понудите, вклучувајќи и виша сила.

Која е разликата помеѓу прифатлива и соодветна понуда?

Прифатлива понуда е понуда која е поднесена во утврдениот рок и за која е утврдено дека во потполност ги исполнува сите барања од тендерската документација и техничките спецификации и одговара на сите критериуми, услови и евентуални барања за способноста на понудувачите.

Соодветна понуда е прифатлива понуда која е во рамките на износот што го утврдил договорниот орган со одлуката за јавна набавка или што може да го дообезбеди. Доколку во текот на постапката за доделување на договор за јавна набавка, најповолната прифатлива понуда согласно со условите на постапката е со цена повисока од износот на средства утврден во одлуката, договорниот орган може да ја измени одлуката и да дообезбеди средства потребни за реализација на договорот, под услови понудената цена да не е понеповолна од реалните цени на пазарот и да не го надминува вредносниот праг пропишан за видот на постапката согласно со закон.

Како да се постапи во ситуација во која понудите се со исти цени, односно идентичен број на бодови?

Бидејќи веројатноста за настанување на вакви ситуации во практичното спроведување на постапките за доделување на договори за јавна набавка е исклучително мала, решението на ова прашање во целост е оставено на добрите практики во јавните набавки. Така, некои од таквите практики кои не се формално пропишани ни со домашното, како исо правото на ЕУ, би можеле да бидат поделба на предметот на договорот меѓу понудувачите доколку тоа е технички можно или пак предност да се даде на порано пристигнатата понуда, со ждреб, итн.

Решението на ваквите ситуации треба претходно да се предвиди во тендерската документација.Сепак, со цел да се избегнат вакви ситуации потребно е во истата прецизно да се утврдатбарањата и условитекои треба да бидат исполнети од страна на економските оператори.

Дали понуда на економски оператор кој  учествувал во изработка на проектната документација ќе се евалуира во постапката за доделување на договор за јавна набавка за изведба или санација на градежни работи ?

За да се избегне фаворизирање на одредени економски оператори кои поседуваат одредени информации за предметот на набавка и на тој начин имаат предност над другите економски оператори, со член 43 од законот се забранува лицата кои учествувале во изработката на тендерската документација да се јават како понудувачи или членови во група на понудувачи во постапката за доделување на договорот.

Имајќи предвид дека изработката на проектна документација за одреден објект, меѓу другото содржи и предмер-пресметка, како и конкретни детали, кои во суштина преставуваат техничка спецификација за предметниот договор и како таква е дел од тендерската документација, сметаме дека фирмата-проектант, која ја изработува проектна документација за одреден објект, не може да учествува во постапката за доделување на договор за јавна набавка на изведба или санација на истиот, како понудувач или член во група на понудувачи.

Дали записникот и извештајот од спроведената постапка го потпишуваат членовите или и нивните заменици?

Договорниот орган во одлуката за јавна набавка меѓуостанатото го утврдува составот на комисијата што ќе ја спроведе постапката. При тоа, не е ограничен бројот на членови и нивните заменици и тој ќе зависи од сложеноста и од вредноста на самиот договор што треба да се додели. Ваквото законско решение е со цел на договорните органи да им се остави слобода во однос на утврдувањето на составот на комисиите во зависност од ресурсите со кои располагаат, но исто така, да се воведат одредени професионални стандарди во работењето на комисиите.

Ова прашање не е уредено со законот, бидејќи истото е од техничка природа. Имено, замениците по правило учествуваат во работата на Комисијата за јавни набавки во случај на спреченост на некој од членовите. Сепак, во одредени случаи, а особено кога станува збор за спроведување на постапка за доделување на договор за јавна набавка кој е особено сложен или кога постои реална можност евалуацијата на понудите да трае подолго (во случај кога рокот за доставување на понуди е подолг од минималниот законски рок определен за соодветната постапка), како и кога комисијата е составена од членови и заменици кои имаат различно искуство и знаења во однос на јавните набавки, присуството на членовите и нивните заменици во работата на Комисијата би било пожелно. Во случај кога во работата на Комисијата за јавни набавки учествуваат и членовите и нивните заменици, тогаш записникот и извештајот треба да бидат потпишани и од членовите и од нивните заменици.

Сепак, треба да се напомене дека во случај постапката да се спроведува електронски, записникот единствено го потпишува претседателот на комисијата или неговиот заменик.

Дали во постапка за доделување на договор за јавна набавка се евалуираат понудите на економските оператори кои не се ДДВ обврзници?

Во фазата на евалуација, комисијата ги евалуира сите прифатливи понуди. Понудите се евалуираат без вклучен ДДВ, додека пак при склучување на договорот за јавна набавка во вредноста на истиот се пресметува и ДДВ. При тоа, треба да се има предвид дека понуда може да достави како економски оператор кој е ДДВ обврзник, така и економски оператор кој не е ДДВ обврзник.

Оттука, договорниот орган не може да го ограничи учеството во постапката на определени економски оператори по основ дали истите се или не се ДДВ обврзници.

Како постапува договорниот орган кога ќе утврди постоење на аритметичка грешка?

Под аритметички грешки во смисла на законот се подразбираат грешки кои се содржани во понудата, а се однесуваат на печатни грешки, правописни грешки, грешки поврзани со математичките функции, и сл., односно грешки кои се направени при подготовка на понудата. За правилна примена на оваа одредба, од суштинско значење е договорниот орган однапред во тендерската документација да го наведе начинот на кој ќе ги врши исправките на аритметичките грешки. Вакви правила за корегирање на аритметички грешки во меѓународната пракса би биле: во случај на несовпаѓање меѓу зборовите и бројките, преовладува износот што е напишан со зборови, или ако постои разлика помеѓу единечната цена и вкупната цена, тогаш преовладува единечната цена, и сл.

Ова е единствениот начин на кој може да се изврши промена на цените и притоа, ваквата измена може да ја изврши единствено комисијата за јавна набавка според јасно утврдени и објективни правила. Оттука, од особено значење е во самата тендерска документација договорниот орган навремено да го утврди начинот на утврдување и постапување во случај на аритметичка грешка, .

Доколку економскиот оператор не се согласи со аритметичките грешки коригирани од страна на комисијата, на истиот ќе му биде издадена негативна референца.

Дали економските оператори имаат право на увид во понудите на другите понудувачи кои учествувале во постапката?

Економските оператори што учествувале во постапката согласно со член 142 став 8 од законот имаат право на увид во извештајот од спроведената постапка.Од Извештајот заинтересираниот економски оператор чија понуда била отворена на јавното отворање може да добие информации за бројот на доставени понуди, за економските оператори кои ги исполниле критериумите за утврдување на способност, за прифатливоста/ неприфатливоста на техничките и финансиските понуди како и причините за неприфатливоста, начинот на евалуација и добиените бодови за елементите на критериумот економски најповолна понуда како квалитет, време на испорака или извршување, еколошки карактеристики и слично, предлогот за избор на најповолна понуда и други податоци кои се однесуваат на евалуацијата на понудите. Имајќи ја предвид погоренаведената законска одредба произлегува дека, договорниот орган не треба да дозволува увид во самите понуди, од причина што извештајот од спроведената постапка содржи доволно информации за спроведената евалуација.

Како ќе постапи договорниот орган, ако крајниот рок за поднесување на понудите, односно јавното отворање е во неработен ден?

Постапката за отворањето на понудите согласно со член 3 од Правилникот за постапката на отворањето на понудите и образецот за водење на записник за отворањето на понудите (“Службен весник на Република Македонија” бр.157/07), започнува на место и во време определено во тендерската документација како краен рок за поднесување на понудите . Доколку денот определен како краен рок за поднесување на понудите е неработен, отворањето на понудите се одржува следниот работен ден во утврденото време и место.

Дали комисијата за јавна набавка при евалуацијата на понудите врз основа на бараните појаснувања или дополнувања на документите за утврдување способност, смее да прифати документи за утврдување на личната состојба издадени по јавното отварање?

 Комисијата за јавни набавки согласно со став 3 од член 140 од законот, е должна да побара од понудувачот истиот да ја појасни и/или дополни потребната документација во врска со способноста и тоа во рок од пет работни дена, односно три работни дена кај постапката со барање за прибирање на понуди од денот на приемот на барањето од страна на понудувачот. Во однос на бараните појаснувања, односно дополнувања на документацијата треба да се има предвид дека економскиот оператор има право да достави документи за утврдување на личната состојба кои се со датум по јавното отворање на понудите, но, само кај постапката со барање за прибирање на понуди. Кај отворената постапка, ограничената постапка, постапката со преговарање, конкурентниот дијалог  дополнително доставената документација за потврдување на личната состојба не смее да е со датум по крајниот рок за доставување на понудите.

Дали може да се прифати понуда во случај кога по исправка на аритметичка грешка, вкупната цена на понудата го надминува бараниот износ на банкарската гаранција на понудата, односно истиот не е во согласност со условите од тендерската документација?

 Согласно со член 47 став 4 од законот, гаранцијата на понудата се доставува заедно со понудата во оригинална форма и не може дополнително да се достави по истекот на рокот за поднесување на понудите. Од горенаведеното произлегува дека не е дозволено менување или дополнување на банкарска гаранција бидејќи истата е услов за учество во постапката и се доставува заедно со понудата        (техничка и финансиска).

Со оглед на тоа што гаранцијата на понудата согласно со член 136 став 5 од законот,  задолжително се чита на јавното отворање на понудите и претставува услов за учество на понудата во понатамошната постапка на евалуација, сметаме дека економскиот оператор е должен гаранцијата на понудата да ја достави согласно со условите предвидени во тендерската документација, во поглед на издавачот на гаранцијата, нејзиниот износ, период на важност, пропишаната форма и др., односно, во форма облик и вредност како што е побарано од договорниот орган.

Во однос на конкретното прашање, а со цел да се постигне воедначен став за правилна примена на овие одредби, Бирото за јавни набавки иницираше консултации со Државната комисија за жалби по јавни набавки. По разгледување на прашањето од сите аспекти на законот, а особено членот 125 став 2 од истиот, според кој договорниот орган ги поканува сите понудувачи кои поднеле прифатливи понуди да достават нови цени или нови вредности за делот на понудата кој е предмет на електронска аукција, се зазеде заеднички став дека ваквата понуда не може да се третира како прифатлива. Имено, доставувањето на гаранцијата спротивно на условите предвидени во тендерската документација за истата (минимален процент од вредноста на понудата, валута, начин на конверзија во случај на различни валути и слично) претставува основ за третирање на ваквата понуда како неприфатлива.

Дали предмет на евалуација ќе биде понуда која нема потпис и печат на секоја страница?

Понудата или пријавата за учество согласно со член 59 став 3 од Законот за јавните набавки, се доставува во еден оригинален примерок кој треба да биде потпишан (секоја страница) од страна на одговорното лице на понудувачот или од него овластено лице. Онаа понуда која е доставена спротивно на наведениот член ќе се смета за неприфатлива и нема да се евалуира.


Други Прашања

Што се подразбира под загрозена безбедност, живот и здравје на луѓето?

Согласно со член 99 став 5 од Законот за јавни набавки, договорниот орган нема обврска да добие согласност пред да спроведе постапка со преговарање без претходно објавување на оглас врз основа на став 1 точка 1 алинеја 3 од овој член доколку директно е загрозена безбедноста, животот и здравјето на луѓето. Под наведеното се подразбираат настани кои што договорниот орган не можел да ги предвиди или спречи, а кои што не се директна последица на неговите постапувања или непостапувања. Кога се работи за загрозување на безбедноста на луѓето, се работи за ситуации кои се последица на виша сила, односно ситуации кои излегуваат од кругот на секојдневните случувања и кои што и со целосна внимателност не било возможно да се предвидат или спречат. Под загрозување на здравјето и животот на луѓето се подразбираат ситуации во кои што доколку не се набават стоките, услугите и работите, би можело да се предизвика непоправливо и тешко оштетување на здравјето и животот на луѓето.

Укажуваме дека овие ситуации се последица на веќе споменатата виша сила, а не резултат на одредени активности преземени од страна на договорниот орган.

Дали нереализирање на постапка предвидена во Годишниот план и промена на датумот на започнување на постапка која е предвидена во Годишниот план за јавни набавки претставуваат повреди на Законот ?

Нереализирањето на јавна набавка предвидена со годишниот план, како и промена на почетокот на спроведувањето на постапката согласно со член 210 не претставуваат повреда на Законот за јавните набавки. Сепак, согласно со Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на Годишниот план за јавни набавки, таквите настанати измени треба да бидат вметнати како забелешки во колоната 7 од Годишниот план за јавни набавки.

Дали за набавка на услуги од осигурителен брокер е потребно да се спроведе постапка?

Брокерските услуги не претставуваат исклучок од примена на одредбите од законот. При започнувањето на постапката за доделување на договор за јавна набавка, договорниот орган треба да ја има предвид и одредбата од член 3 став 1 точка 1 од законот, според која договор за јавна набавка е договор од финансиски интерес кој ги вклучува и секторските договори, склучен во писмена форма меѓу еден или повеќе договорни органи од една страна и еден или повеќе економски оператори од друга страна, а чиј предмет е изведување на работи, испорака на стоки или обезбедување на услуги согласно со закон.

Согласно со наведеното, договорниот орган доколку не исплаќа средства на економскиот оператор, односно тој нема финансиски интерес со таквиот договор, тоа не би претставувало јавна набавка.

Меѓутоа, доколку договорниот орган му плаќа провизија или друг вид надомест на осигурителниот брокер со договор за вршење на осигурително брокерски работи, во тој случај договорниот орган би требало да спроведе постапка за доделување на договор за јавна набавка согласно со проценетата вредност.

Сепак, договорниот орган би можел услугите од брокерот за осигурување да ги добие со тоа што истиот би го вклучил во текот на постапката за доделување на договор за јавна набавка и тоа како надворешно стручно лице, кое согласно со член 30 од законот би помагало на комисијата при спроведување и евалуација на техничките, финансиските и други работи поврзани со понудите.

Дали може да се спроведе нова постапка за ист предмет на набавка за кој веќе е спроведена постапка за доделување на договор за јавна набавка во тековната година?

Согласно со став 2 од член 27 од законот,  во случај на потреба од набавка за која веќе е спроведена постапка за доделување договор за јавна набавка во тековната година, а која не можела да се предвиди во моментот на нејзиното спроведување, договорниот орган може да спроведе нова постапка за доделување на договор, но при изборот на видот на постапката ја зема предвид вкупната проценета вредност на соодветната потреба. Имено, договорниот орган при проценување на вредноста на новиот договор за јавна набавка треба да ја има предвид вкупната проценета вредност, односно проценетата вредност на претходно доделениот договор како и на тој кој што планира да го додели.

При доделување на договор за јавна набавка на услуги за изработка и дизајнирање на софтверско решение за потребите на договорниот орган, што задолжително треба да содржи тендерската документација и договорот што ќе се склучи со најповолниот понудувач ?

Тендерската документација и договорот за јавна набавка на услуги за изработка и дизајнирање на софтверско решение за потребите на договорниот орган задолжително треба да содржи одредба со која ќе се предвиди сопственост на договорниот орган врз изворниот код на софтверското решение.

Во кои случаи и под кои услови договорниот орган како критериум за доделување на договорот за јавна набавка може да го користи критериумот економски најповолна понуда ?

Критериумот економски најповолна понуда договорниот орган може да го користи кога доделува договор за набавката на консултантски и други услуги од интелектуален карактер, како и во случаи каде заради специфичност на предметот на договорот не е можно прецизно да се утврди квалитетот или други елементи како минимални услови од техничките спецификации. Воедно, критериумот економски најповолна понуда договорниот орган задолжително треба да го користи кога спроведува постапка со конкурентен дијалог, како и во случај да дозволил достава на алтернативни понуди.

Па така, за да може да го користи овој критериум договорниот орган задолжително бара согласност од Советот пред да го објави огласот за јавна набавка, освен во случаите кога спроведува постапка со конкурентен дијалог или дозволува доставување алтернативни понуди.

Во случај кога во постапка за доделување на договор за јавна набавка како понудувач  учествува физичко лице, кои од бараните  документи за утврдување на способност истото може да ги достави ?

Законот за јавните набавки не прави никаква разлика, а со тоа и дискриминација меѓу економските оператори по ниту една основа, вклучително и таа дали станува збор за физичко или правно лице кое како економски оператор учествува во постапките за доделување на договори за јавна набавка спроведени од договорни органи од Република Македонија.

Имено, под терминот економски оператор согласно член 3 точка 13 од законот, се подразбира секое секое физичко или правно лице или група на такви лица кои на пазарот нуди стоки, услуги или работи.

Кога се евалуира способноста на економски оператор кој е физичко лице треба да се проверат доказите кои истото може да ги достави. На пример, физичко лице не може да достави потврда дека не е отворена постапка за стечај и истата од него не треба да се бара, односно доколку не е приложена,  комисијата не треба да ја отфрли понудата. Од друга страна, кога станува збор за потврдата за даноци, од физичко лице може да се прифати потврда за платен персонален данок.

Во однос на способноста за вршење на професионална дејност доколку природата на економскиот оператор е таква, при што тој нема обрска да се регистрира во Централниот регистар за вршење на дејност, комисијата за јавни набавки треба да ги има предвид другите документи со кои се докажува правото економските оператори да ја вршат соодветната дејност. Изјава или документ може да биде доказ за членство во релевантна професионална организација или комора (на пр. здружение на архитекти, лекарска комора и сл.) како и било каков друг доказ за способност на економскиот оператор да ја врши конкретната професионална дејност преку вклученост во исти или слични работи поврзани со предметната набавка. Тука, можат да се вклучат и посебните барања за вршење на одредена дејност кои се пропишани со материјалните прописи кои ја регулираат таа област, на пример, доколку за вршење на дејноста е потребна дозвола, тогаш економскиот оператор ќе ја докаже својата способност за вршење на дејноста и со дозволата. Имено, на комисијата за јавни набавки треба да и биде во интерес да се добијат повеќе конкурентни понуди со потребните вештини и способности на понудувачите од кои ќе може да се избере најповолна понуда.

Во случај кога во постапка за доделување на договор за јавна набавка учествува како понудувач  странско лице, кои  документи за утврдување на личната состојба и способноста за вршење на професионална дејност треба да се бараат?

Под терминот економски оператор согласно член 3 точка 13 од законот, се подразбира секое секое физичко или правно лице или група на такви лица кои на пазарот нуди стоки, услуги или работи. При тоа, секој економски оператор има право да учествува, самостојно или како член на група на економски оператори, во постапка за доделување на договор за јавна набавка.

Оттука, Законот за јавните набавки не прави никаква разлика, а со тоа и дискриминација меѓу економските оператори по ниту една основа, вклучително и таа дали станува збор за домашни или странски  економски оператори учесници во постапките за доделување на договори за јавна набавка спроведени од договорни органи од Република Македонија.

Според тоа, економскиот оператор регистриран во странство кој поднел пријава за учество или понуда во постапка за доделување на договори за јавна набавка треба да ги исполни истите услови за учество од тендерската документација поврзани со техничката спецификација, докажувањето на својата способност, обезбедување на бараните гаранции, изготвување и доставување на пријавата за учество или понудата, исто како и економскиот оператор учесник во постапката регистриран во Република Македонија. Потребните документи со кои се докажува личната состојба се пропишани со член 147 став 2 од законот.

Согласно со член 145 став 1 од законот,  како доказ за исполнување на критериумите за утврдување на личната состојба на економскиот оператор, договорниот орган е долзжен да ги прифати сите соодветни документи од земјата каде што економскиот оператор е регистриран, издадени од надлежните органи на земјата. Доколку земјата во која е регистриран економскиот оператор не ги издава бараните документи кои можат да послужат како доказ за исполнување на критериумите за утврдување на личната состојба на економскиот оператор, договорниот орган може да прифати изјава што економскиот оператор ја заверува кај надлежен орган.

Што освен документ за регистрирана дејност може, односно треба да бара договорниот орган?

Договорниот орган при утврдување на способноста за вршење професионална дејност на економските оператори бара и доказ издаден од надлежен орган за исполнување на посебните услови за вршење на дејноста, пропишани согласно со закон кои се однесуваат на предметот на договорот.

Договорниот орган оваа одредба треба да ја почитува во случаите кога со материјалниот закон се пропишува исполнување на посебни услови кои резултираат со поседување на одредена дозвола, лиценца и сл.  . Во тој случај таквиот доказ, договорниот орган треба да го наведе во самата тендерска документација. Таков доказ би бил , на пример кога при набавка на нафта, врз основа на Законот за енергетика, договорниот орган  бара лиценца за трговија на нафта која ќе ја поседува економскиот оператор за да може да го изврши договорот.

Дали може да се спроведуваат постапки за доделување на договори за јавна набавка за време на избори (парламентарни, локални, претседателски) ?

Спроведувањето на постапките за доделување на договор за јавна набавка во предизборниот период не е регулирано со Законот за јавни набавки. Оттука, договорниот орган потребно е да се обрати до Државната комисија за спречување на корупција бидејќи предметното прашање е уредено со Законот за спречување на корупцијата.

Дали лице вработено во одделение за финансиски прашања, смее да биде член во комисија за јавна набавка?

Одговорното лице со одлуката за јавна набавка меѓу другото, ги назначува претседателот и членовите на комисијата за јавна набавка, нивниот број и нивните заменици. Оттука, законот не определува кои лица можат да бидат членови на комисијата за јавни набавки (во смисла на нивна стручна спрема, работно место на кое се наоѓаат, работно искуство и сл.). Единствен услов кој го поставува законот, во однос на составот на комисијата за јавна набавка, е во случаите кога се доделува договор за јавна набавка со проценета вредност над 130 000 евра, задолжително да членува лице кое има потврда за положен испит за лице за јавни набавки.

Така, законот не пропишува дали лицето кое кај договорниот орган е распоредено на работмо место сметководител, односно во организациониот облик во кој се вршат работи од областа на финансиските прашања, смее да биде член на комисијата за јавни набавки. Доколку, вакво ограничување постои во друг материјален закон, во тој случај договорниот орган треба да ги почитува и одредбите на тој закон.

Дали договорниот орган може да го објави огласот во една година, а да го реализира во следната година?

Планирањето на постапките за доделување на договор за јавна набавка, е уредено со Законот за јавните набавки. Договорниот орган согласно со член 26 од законот, врз основа на утврдените извори за финансирање, донесува план за своите вкупни потреби за набавки во тековната година, каде што го определува и очекуваниот почеток на постапката, проценетата вредност на договорот и видот на постапката. Воедно, вредноста на договорите за јавна набавка предвидени во годишниот план, се проценува со пресметување на вкупниот износ што треба да се плати за реализирање на соодветниот договор, без вклучен ДДВ, земајќи ја предвид секоја опција и секое евентуално продолжување или зголемување на вредноста на договорот, доколку тие можат да се предвидат во моментот на вршење на проценката (На пр. во случај на договор со фиксен рок со времетраење до 12 месеци, проценетата вредност се пресметува земајќи ги предвид сите исплати што треба да се извршат за времетраењето на договорот).

Договорниот орган има обврска во Планот за јавни  набавки да ги предвиди сите постапки за доделување на договори за јавни набавки кои планира да ги започне во тековната година, независно дали до нивна реализација ќе дојде  во истата или во следната година.

Воедно, финансиските обврски кои произлегуваат од договорите за јавни набавки, а кои ќе достасаат следната година, ќе треба да бидат предвиди во буџетот, финансискиот или инвестициониот план во годината во која истите ќе треба да се платат. Оттука и обврската на договорниот орган, односно на одговорното лице, при донесувањето на одлуката за јавна набавка да ги наведе изворите на средствата од кои ќе се исплаќаат обврските согласно со договорите за јавни набавки за годините во кои ке се извршува договорот.


Истражување на пазарот

1. Истражување на пазарот

Од страна на науката истражувањето на пазарот е дефинирано како однапред осмислен процес на прибирање, анализирање и интерпретирање на податоците со цел да се добијат информации потребни за донесување на одлуки и решавање на проблемите.

Процесот на истражување на пазарот се состои од неколку фази и тоа:

· Дефинирање на проблемите и целите на истражувањето

· Одредување на изворите на податоци

· Одредување на методите на прибирање на податоците

· Анализа на податоците и интерпретација на резултатите

· Составување на извештај во кој е содржан заклучок и препораки

Имајќи предвид дека преку истражувањето на пазарот треба да се прибират, анализираат и интерпретираат податоци како извори на податоци може да се користат купувачи (т.е. договорни органи), посредници во продажбата, статистички публикации, библиотеки, електронски и комерцијални бази на податоци и сл.

Од аспект на прибирањето, податоците може да бидат секундарни или примарни. Секундарни податоци се собрани претходно, за некоја друга цел и истражувачот ги наоѓа како готови информации, анализирани и објавени. Примарни податоци се оние кои сами ќе ги собереме при истражувањето со помош на одредени алатки како што се опсервирање, испитување и експериментирање.

При прибирањето и анализирањето на секундарните и примарните податоци може да се користат следниве методи на истражување на пазарот и тоа, Директниот метод или методот на директни податоци и Методот на испитување.

Директниот метод или методот на директни податоци припаѓа на групата на интерните методи. Со овој метод се анализираат секундарните податоци кои претходно се собрани. Па така, со овој метод можете да го анализирате сопственото искуство кое го имате со спроведување на конкретната набавка. На пример откако договорниот орган ќе ги провери податоците со кои располага (од спроведувањето на постапките во минатото) или до кои има слободен пристап ќе утврди дали постојат економски оператори кои ги исполнуваат условите и критериумите наведени во тендерската документација.

Методот на испитување припаѓа на групата на екстерните методи. Со овој метод се собираат примарни податоци. При собирањето на примарните податоци можете да го користите испитувањето, кое може да се врши на повеќе начини и тоа:

· Поштенски и e-mail анкети (прашалници)

· On-line анкети (прашалници)

· Интервју лице во лице

Она што е важно при ваквите начини на собирање на податоци е што договорниот орган доколку со цел да обезбеди податоци им ја става на располагање целосната тендерска документација на економските оператори, истите ќе бидат во предност во однос на оние кои не биле контактирани. Оттука, при спроведувањето на интервјуа или испраќањето на прашалници, потребно е прашањата да бидат формирани на начин кој не им ги открива барањата и условите на економските оператори кои ќе бидат контактирани. (Пример: Наместо прашање – Дали имате 15 вработени?, би поставиле прашање – Колкав е бројот на вработени? Или Дали имате помеѓу 15 и 25 вработени?; Наместо – Дали вршите сервис на Fiat и Ford? – подобро е – На кои модели на возила вршите сервис? и сл.).

При составување на прашањата би ви ги дале следниве препораки:

· Направете едноставни прашања

· Избегнувајте жаргони

· Избегнувајте двосмислени прашања

· Избегнувајте хипотетски прашања

· Избегнувајте негации

· Избегнувајте зборови кои можат погрешно да се протолкуваат

2.       Кој го прави истражувањето?

Согласно со член 36-а став 3 од законот, по донесувањје на одлуката за јавна набавка, а пред објавување на огласот, лицата што ги дефинираат техничките спецификации и критериумите за утврдување способност се должни да изготват соодветно образложение за оправданоста за нивно користење и да дадат извештај до одговорното лице со предлог во смисла за потребата од обезбедување согласност од Советот доколку се исполнети условите од ставовите 1 и/или 2 на истиот член.

Имајки ја во предвид горенаведената одредба, Законот за јавните набавки не утврдува кој организациски облик во рамките на договорниот орган ги дефинира техничките спецификации, туку единствено дефинира дека за лицата кои ги дефинираат техницките спецификации имаат обврска да го изготват извештајот наведен во член 36-а став 3 од законот. Внатрешната организација и распределувањето на задачите во рамките на договорниот орган во овој дел, не претставуваат предмет на уредување на прописите за јавните набавки.

Досегашната пракса покажува дека кај некои договорни органи, во одредени постапки, комисијата ја има улогата на подготвувач на тендерска документација и на техничките спецификации, додека во други ситуации, оваа улога се пренесува на организацискиот облик и лицата кои сто се задолжени за подготовка и спроведување на постапките за доделување на договори за јавни набавки и за реализација на договорите. Сепак, во одредени постапки за доделување на договор за јавна набавка, чиј сто предмет на набавка е од посложена природа, техничките спецификации ги изработуваат техничките лица за чиј оддел (сектор, одделение и сл.) се однесува предметот на набавка (Пример: при набавка на компјутери и информатичка опрема, техничките спецификации ке ги изработуваат лицата вработени во информатичкиот оддел на договорниот орган итн.).

3. Дали економсксите оператори имаат обврска да поднесат понуда ако биле дел од истражувањето на пазарот?

Истражувањето на пазарот е обврска на договорниот орган. Преку него, лицата кои ја изработуваат тендерската документација добиваат повратни сознанија за предметот на набавката како и за условите кои сакаат да го пропишат. На овој начин се продлабочува деловната соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор. Доколку економските оператори учествуваат во ваквото истражување на пазарот и одговориле дека ги исполнуваат условите од спецификацијата и тендерската документација, немаат обврска да поднесат и понуда во истата постапка по објавата на огласот.


Дигитален Сертификат

Во постапки кои се спроведуваат по електронски пат, договорниот орган кои документи треба да ги потпише со дигитален сертификат?

Договорниот орган во постапки кои ги спроведува по електронски пат задолжително треба да го користи дигиталниот сертификат (кој претставува електронска алатка што го заменува своерачниот потпис) за потпишување на следниве документи: Одлука за јавна набавка, Записник од јавно отворање, Извештај од спроведена постапка, Одлука за избор на најповолна понуда/поништување на постапката, како и сите други документи што самиот ги составува. Во зависност од видот на документот, истиот го потпишува одговорното лице (Одлука за јавна набавка и Одлука за избор на најповолна понуда/поништување на постапката) или комисијата за јавна набавка (Записник од јавно отворање, Извештај од спроведена постапка, и други документи што ги составува комисијата – одговор на прашање пред јавно отворање, прашање во фаза на евалуација на понудите, известување за извршениот избор/поништување на постапката и друго).

Следствено на изнесеново, во рамки на договорниот орган покрај одговорното лице дигитален сертификат потребно е да поседува и претседателот на комисијата или неговиот заменик. Воедно, треба да се има предвид дека дигиталниот сертификат треба да биде личен (на име на потписникот) и да му е издаден на договорниот орган.

Во постапки кои се спроведуваат по електронски пат, економскиот оператор кои документи треба да ги потпише со дигитален сертификат?

Економскиот оператор во постапки кои се спроведуваат по електронски пат задолжително со дигитален сертификат ги потпишува следниве документи: Изјава за докажување способност, изјава за независна понуда, изјава за сериозност, понуда, како и други документи што ги составува самиот економски оператор (изјава дека во последните пет години, не му била изречена правосилна пресуда за учество во злосторничка организација, корупција, измама или перење на пари, појаснување или дополнување документи во фазата на евалуација и друго). Сите други документи издадени од надлежни институции (Централен регистар или Управа за јавни приходи) за докажување на личната состојба или документи издадени од трети лица за докажување на разни барања од тендерската документација треба само да се скенираат и прикачат, односно не треба да се потпишуваат со дигитален сертификат, бидејќи не се составени од економскиот оператор.

Внимание!!! Изјавата за независна понуда не може да биде потпишана од ниту едно друго лице освен од одговорното лице. Самото потпишување може да биде со валиден дигитален сертификат или своерачно на хартија, а потоа скенирано и дигитално потпишано од овластено лице.

 Кој треба да биде носител на дигиталниот сертификат со кој се потпишуваат понудите кои се поднесуваат во постапки кои се спроведуваат преку ЕСЈН? Дали истите можат да бидат потпишани од лице кое не е овластен потписник кај економскиот оператор?

Носител на дигиталниот сертификат со кој се потпишуваат документите што се составен дел на понудата (техничка и финансиска понуда и изјави) задолжително треба да биде овластениот потписник на правното лице (економскиот оператор) или лице овластено од овластениот потписник. Дигиталниот сертификат треба да му биде издаден на правното лице (економскиот оператор кој поднесува понуда) од регистриран издавач на дигитални сертификати.

Доколку документите се потпишани од лице што е овластено од одговорното лице на економскиот оператор, потребно е да се приложи овластување (полномошно) од овластениот потписник (управителот) на правното лице како составен дел на понудата. Полномошното ќе се смета за валидно ако е приложено во електронска форма, потпишано со дигитален сертификат на управителот или во скенирана форма со печат и своерачен потпис на управителот.

Воедно, доколку полномошното не е доставено заедно со понудата и останатите документи, истото дополнително не може да се бара и достави како појаснување или дополнување.

На кого треба да гласи дигиталниот сертификат со кој се потпишуваат понудите кои се поднесуваат во постапки кои се спроведуваат преку ЕСЈН?

Дигиталниот сертификат задолжително треба да биде личен (на име на потписникот) и да му е издаден на правното лице (економскиот оператор) подносител на понудата. Доколку како понудувач се јавува физичко лице, само во тој случај понудата може да биде потпишана со дигитален сертификат за физичко лице. Внимавајте!!! Преостанатите видови на дигитални сертификати: за физичко лице, за работа со е-банкарство не се прифатливи при спроведување и учество во постапки кои се спроведуваат по електронски пат.

Што претставува електронскиот потпис, а што квалификуван дигитален сертификат?

Електронски потпис подразбира низа податоци во електронски облик што се содржани или се логично поврзани со други податоци во електронски облик и е наменет за утврдување на автентичноста на податоците и за утврдување на идентитетот.

Квалификуван дигитален сертификат претставува потврда во електронски облик со кој се потврдува врската помеѓу податоците за проверка на електронскиот потпис со одредено лице, носителот на сертификатот и идентитетот на тоа лице. Ваквиот сертификат ги содржи името или називот и државата на живеалиштето, односно седиштето на издавачот; името или називот, односно псевдонимот на информатичкиот систем со назнака на носителот; податоците за проверка на електронскиот потпис што се поврзани со податоците за електронско потпишување; почетокот и крајот на важење на сертификатот; идентификацискиот број на сертификатот;  општоприфатениот електронски потпис на издавачот и евентуалните ограничувања за употреба на сертификатот.

Така, согласно со член 13 став (1) од Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис, oпшто прифатлив електронски потпис со квалификуван сертификат даден во врска со електронски податоци е изедначен со своерачен потпис и затоа има еднаква важност и сила на доказ, како и своерачниот потпис даден во врска со хартиени документи.

Имено, од изнесеното произлегува дека електронски потпишаниот документ има валидност и доказна сила еднаква на оној во хартиена форма, доколку е потпишан со користење на квалификуван дигитален сертификат издаден од регистриран издавач на сертификати. Прифатливи сертификати се сите оние кои ги задоволуваат стандардите за квалификуван дигитален сертификат согласно со Директивите на ЕУ. Притоа, напоменуваме дека дигиталниот сертификат мора да биде издаден на правно лице од причина што правното лице ја поднесува понудата, а со аплицирање на дигиталниот сертификат кој што гласи на правно лице се заменува потписот и печатот кој што би бил задолжителен доколку понудата би се поднела во хартиена форма.

 Во постапки кои се спроведуваат по електронски пат преку ЕСЈН, дали треба да се провери  валидност на Дигиталниот сертификат?

Електронски поднесената понуда има валидност и доказна сила еднаква на понуда која е доставена во хартиена форма кога е потпишана со користење на квалификуван дигитален сертификат издаден од регистриран издавач на сертификати. Прифатливи сертификати се сите оние кои ги задоволуваат стандардите за квалификуван дигитален сертификат согласно со Директивите на ЕУ. Регистрирани издавачи во Македонија за дигитални сертификати се Македонски Телеком АД Скопје и КИБС АД Скопје. Доколку сертификатот е издаден од странски издавач, потребно е издавачот да биде авторизиран (регистриран) во земјата на потекло како официјален издавач на дигитални сертификати. Комисијата за јавни набавки го задржува правото да бара дополнителни докази за валидноста на сертификатот и кредибилитетот на издавачот. Сите понуди кои се потпишани со сертификат кој не е во согласност со изнесеното (невалиден), ќе се сметаат за неприфатливи. Притоа, дигиталниот сертификат треба да биде со важност најмалку до моментот на јавното отворање односно крајниот рок за поднесување на понудите.

Кои документи се потпишуваат со дигитален сертификат во случај на групна понуда?

Во случај на групна понуда, носителот на групата задолжително ги потпишува со дигитален сертификат: понудата, потребните изјави и целокупната документација која самиот ја изготвува и потпишува. Доколку членовите на групата не поседуваат дигитален сертификат, потребните изјави и документацијата која тие ја изготвуваат и потпишуваат може да биде своерачно потпишана и доставена во скенирана електронска форма.

При евалуација на понуди кај постапка што се води по електронски пат, финансиската и техничката понуда се поднесени во скенирана форма и НЕ се електронски потпишани. Дали таквата понуда е прифатлива и може да биде евалуирана?

Член 58, став 2, од ЗЈН пропишува дека доколку документите се доставуваат со користење на електронски средства, тогаш ќе се применуваат прописите со кои се регулира електронскиот потпис. Електронскиот потпис е регулиран со Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис, во кој во член 13, став 1, е пропишано дека „општо прифатлив електронски потпис со квалификуван сертификат даден во врска со електронски податоци е изедначен со своерачен потпис и затоа има еднаква важност и сила на доказ, како и своерачниот потпис даден во врска со хартиени документи“. Ова значи дека за да електронски поднесената понуда има валидност и доказна сила еднаква на понуда која е доставена во хартиена форма тогаш мора да се потпише со користење на квалификуван дигитален сертификат издаден од регистриран издавач на сертификати. Обврската за електронско потпишување се однесува на понудата, односно на секој документ во електронска форма кој самиот понудувач го составува (на пример, финансиска понуда, техничка понуда, изјава и сл.). Доколку финансиската и техничката понуда НЕ се потпишани со дигитален сертификат, таквата понуда ќе се смета за НЕПРИФАТЛИВА.


Одлука за избор или за поништување на постапката

Доколку по објавување на оглас за доделување на договор за јавна набавка дојде до промена на потребите на договорниот орган, дали истиот може да ја поништи постапката и да спроведе нова за истиот предмет на набавка?

Согласно со член 169 став 1 алинеја 8 од законот, договорниот орган може да ја поништи постапката за доделување на договор за јавна набавка, ако поради непредвидени и објективни околности се промениле потребите на договорниот орган.

Меѓутоа, во овој случај треба да се има во предвид и ставот2од истиот член согласно со кој, во случај на поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка врз основа на погоренаведената алинеја , договорниот орган не смее да спроведе нова постапка за истиот предмет на договорот во период од шест месеци од денот на донесувањето на одлуката за поништување на постапката.

Поради наведеново, договорните органи треба внимателно да ги планираат потребите од набавка на одредени стоки, услуги или работи со цел да не се доведат во ситауција која ќе го оневозможи нивното редовно функционирање и квалитетното пружање на услуги на граѓаните.

Кое лице кај договорниот орган го носи годишниот план за јавни набавки, одлуката за јавна набавка, како и одлуката за избор на најповолна понуда и/или поништување на постапката?

Опсегот на субјекти кои се должни да го применуваат Законот за јавните набавки е исклучително широк и разновиден. Па така, како договорни органи може да се јават органи на државната управа и на единиците на локалната самоуправа, но и, субјекти кои се формирани од овие органи со цел задоволување на потребите на граѓаните кои се од јавен интерес. Исто така, како договорни органи може да се јават и субјектите кои се јавни претпријатија, акционерски друштва и друштва со ограничена одговорнос кои извршуваат некоја од опфатените секторски дејности пропишани со законот, вклучително и правните лица кои вршат некоја од секторските дејности на комерцијална основа врз основа на добиено ексклузивно право, а при тоа во својата сопственичка структура се со доминантен приватен капитал.

Сите овие субјекти поради нивната специфична организациска поставеност и дејности кои ги вршат кои воедно се определени од законските решенија кои ја регулираат областа во која субјектот делува, имаат и различна поставеност на нивните раководни органи и тела. Кај нив поставеноста на раководните органи е директно условена од определени законски решенија или пак од нивната самостојно определена статутарна поставеност и поделба на функции и надлежности. Па така, тоа што е законска обврска кај еден субјект, како што е формирање надзорен одбор кај акционерско друштво, кај друг субјект, како на пример министерство, е неприменливо.

Поради вака широкиот опсег на договорни органи, законот не пропишува кој раководен орган кај договорниот орган има надлежност да ги донесе годишниот план за јавни набавки и одлуката за јавна набавка. Но со оглед на тоа дека преку овие документи на определен начин се врши распределба и резервирање на финансиските средства на договорниот орган за определена намена (набавка на стока, услуга или работа), во најголем број од случаите тоа би претставувале раководните органи, без оглед дали се инокосни или колективни, кои имаат надлежност да располагаат со средствата на договорниот орган.

Според тоа, оставено е на договорниот орган согласно со важечките законски прописи кои ја регулираат областа во која делува и согласно со своите внатрешни организациски акти, да определи кој раководен орган треба да ги донесе овие одлуки.

Исклучок од погоренаведеното се одлуките за избор на најповолна понуда и одлуките за поништување на постапките за доделување на договори за јавна набавка кои согласно со член 142став 6 и 169 став 3 од законот ги носат одговорните лица кај договорните органи. При тоа, законот дефинира дека под одговорно лице се подразбира функционер кој раководи со државен орган, градоначалник на единицата на локалната самоуправа или директор на правно лице, односно лице овластено од него. Според ова, кога станува збор за одлуките за избор на најповолна понуда и одлуките за поништување на постапките за доделување на договор за јавна набавка, во конкретниот случај нив ги носат раководните органи, односно лицата овластени од нив.


Д. О. и исклучоци од примена на законот

Дали субјект, кој согласно со Законот за јавните набавки не претставува договорен орган, а на кој од страна на некој договорен орган му се доделени средства е должен да го почитува Законот за јавните набавки кога истите ќе ги користи за доделување на договори за јавни набавки ?

Според членот 5 став (1) алинеја 3 и 4 од законот, одредбите од истиот се применуваат на доделување на договори од страна на други субјекти, кога договорот е директно финансиран или субвенциониран со повеќе од 50% од страна на договорен орган како и при доделување на договори од страна на договорен орган во име и за сметка на друго физичко или правно лице, кога договорот е директно финансиран или субвенциониран со повеќе од 50% од страна на договорен орган. Пример: Кошаркарски клуб МЗТ Скопје Аеродром спроведува постапки за доделување на договори за јавни набавки од причина што финансиските средства на КК МЗТ се обезбедени од страна на Општина Аеродрoм.

Дали при доделување на договор за јавна набавка на услуги за закуп на простор за рекламирање на интернет портали, договорните органи се должни да спроведат постапка согласно со Законот за јавните набавки ?

Согласно со член 8 став 1 алинеја 2 од Законот за јавните набавки, овој закон не се применува при доделување на договори за јавни набавки на услуги кои се однесуваат на купување, развој, продукција или копродукција на програмски материјали од страна на радио и телевизиски куќи или од независни продукциски куќи наменети за јавно прикажување во кино или за радио или телевизиско емитување на програма, како и закуп на простор на медиуми и електронски портали.

Притоа, исклучокот во оваа алинеја може да се подели во два дела. Првиот дел се однесува на купување, развој, продукција или копродукција на програмски материјали од страна на радио и телевизиски куќи кои се договорни органи, како што во Република Македонија е Македонската радио – телевизија, или од независни продукциски куќи, наменети за јавно прикажување во кино или за радио или телевизиско емитување.

Вториот дел од исклучокот се однесува на услугите за емитување, односно закуп на простор на медиуми и електронски портали. Тоа, во пракса значи дека закупот на простор во медиумите, без оглед дали се електронски или печатени, не подложи на примена на одредбите на Законот за јавните набавки.

Дали набавките до 500 евра на кои се однесува член 11 од Законот за јавните набавки треба да бидат предвидени со Годишниот план за јавни набавки ?

Исклучокот од член 11 од Законот се однесува на најмалите набавки. Имено, законот не се применува кај набавки чиј вкупен износ месечно не е поголем од 500 евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ. Оваа законска одредба во принцип треба да се применува само за набавки кои се јавуваат инцидентно во текот на месецот или за ситни набавки кои нема да се повторуваат во текот на годината и чиј вкупен износ не е поголем од 500 евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ. Овие набавки не се предвидуваат во годишниот план за јавни набавки.


Склучување на договор за јавна набавка

Во кои случаи договорниот орган не е обврзан да го примени периодот на мирување?

Договорниот орган не смее да го потпише договорот за јавна набавка и да пристапи кон негово извршување во рок од 12 дена, односно 5 дена кај постапката со барање за прибирање на понуди, сметајќи од денот на приемот на одлуката со која се одлучува за поединечно право во постапката за доделување на договорот за јавна набавка, освен:

- во случаите кога е спроведена постапка со преговарање без претходно објавување на оглас согласно со членовите 99 и 198,

- во случај кога во постапката учествувал само еден понудувач чија понуда е избрана за најповолна или

- во случај на доделување поединечни договори врз основа на рамковна спогодба.

Сепак, неприменувањето на периодот на мирување не значи дека економските оператори не може да го искористат правото на жалба.

Колку изнесува периодот на мирување ? 

Периодот на мирување е период во кој договорниот орган не смее да го потпише договорот за јавна набавка и да пристапи кон негово извршување. Овој рок се смета од денот кога економскиот оператор ќе ја добие соодветната одлука и изнесува 12 дена, односно 5 дена кај постапката со барање за прибирање на понуди.

Затоа, препорачуваме договорниот орган да обезбеди инструмент кој ќе докаже кога економските оператори ја добиле соодветната одлука (на пример повратница) за да знае од кога ќе започне да ги брои деновите на периодот на мирување. Во случај на електронска постапка, деновите се бројат откако понудувачите ќе ја добијат пораката во нивното електронско сандаче во ЕСЈН.


Квалификациски Системи

Под кои услови може да се користат квалификациските системи и кои се предностите од нивно воспоставување ?

Квалификациски системи можат да воспостават секторските договорни органи од членот 4 став 1 точки г) и д) и истите може да ги користи друг договорен орган кога се работи за ист предмет на набавка. Основна причина за воспоставување на ваков систем е способноста на понудувачите да се утврди само еднаш, а потоа да се бара само да се достават понуди.

Квалификациските системи не се ограничени во однос на периодот за кој се воспоставени, но доколку се работи за период подолг од 3 години, договорниот орган има обврска да објавува оглас за тој систем секоја година.

Основна карактеристика е тоа што огласот за воспоставување на квалификациски систем не содржи краен рок за поднесување на пријавите за учество, па така секој заинтересиран економски оператор може да поднесе пријава за учество во било кое време. Притоа, комисијата треба да ја изврши евалуацијата на способноста на понудувачот во најкус можен рок, а во секој случај не подолго од 6 месеци од денот на поднесување на барањето за прием. За причините за прием или одбивање на прием на понудувачот, договорниот орган носи писмена одлука. Штом се јави потреба за доделување на поединечен договор, договорниот орган има обврска да ги покани сите понудувачи што се квалификувани за тој вид на договор да достават понуда.


Поддршка од друг субјект/Произведувачи

Каква е разликата помеѓу подизведувач и поддршката од друг субјект во поглед на економско-финансиската способност и техничко-професионалната способност?

Законот за јавните набавки дава можност економскиот оператор кој самостојно не ги исполнува бараните минимални услови кои се однесуваат на економската, техничката или професионалната способност, да може да учествува во постапката, а својата способност да ја докаже со помош на економска, техничка или професионална поддршка од друг субјект.

Законот прецизно не го дефинирал доказот со кој субјектот која ја обезбедува поддршката му ги стави на располагање на понудувачот соодветните економски, технички и професионални ресурси. Но, во пракса како најчест доказ се користи договор за деловно – техничка соработка или изјава која ја дава поддржувачот и со која потврдува дека ќе му ги стави на располагање на понудувачот потребните економски, технички и човечки ресурси. Сепак, треба да се има предвид дека податоците од билансот на успех, како и референтната листа, не може да бидат поддржани од друг субјект.

При тоа, субјектот кој ја поддржува економската, техничката или професионалната способност на понудувачот согласно со член 151 став 1 и 2 и член 154 став 1 и2од законот треба да се обврзе единствено дека ќе му ги стави на располагање на понудувачот потребните економски, технички и професионални ресурси потребни за задоволително реализирање на договорот, но при тоа без да биде вклучен во реализација на договорот за јавна набавка. Овој субјект единствено е вклучен во обезбедувањето на потребните ресурси на понудувачот за да го реализира договорот без при тоа, да е вклучен во испорака на дел од потребните стоки, обезбедувањето на дел од услугите или изведувањето на дел од работите предвидени со договорот.

Додека, подизведувачот освен што може да ја поддржи економската, техничката или професионалната способност на понудувачот, може и директно да се вклучи во испорака на дел од потребните стоки, обезбедувањето на дел од услугите или изведувањето на дел од работите предвидени со договорот иако одговорноста ја сноси носителот на набавката.

Дали стандардите за квалитет и стандардите за управување со животна средина можат да бидат поддржани од друг субјект?

Стандардите за системи за квалитет и стандардите за управување со животна средина претставуваат посебни критериуми за утврдување на способноста и за нив законот не предвидува можност да бидат поддржани од друг субјект.


Тендерска Документација

Дали тендерската документација може да биде подготвена и на друг јазик освен македонски ?

Тендерската документација по правило треба да биде изготвена на македонски јазик. Сепак, договорниот орган може да одлучи дел од документацијата (најчесто техничките спецификации) или целата документација освен на македонски јазик да биде подготвена и на некои од јазиците кои се употребуваат во меѓународната трговска размена како на пример англиски јазик.  Доколку, тендерската документација е изготвена и на друг јазик освен македонскиот во истата треба да е содржана одредба со која ќе се предвиди во случај на несовпаѓање на податоците која верзија ќе се земе за валидна, односно правно обврзувачка.

Што е изјава за независна понуда?(Изјава за независна понуда)

Економските оператори со понудата задолжително доставуваат изјава за независна понуда и тоа за секоја постапка одделно. Имено, согласно со членот 129 став2од законот, понудувачот задолжително доставува изјава во која под целосна материјална и кривична одговорност ќе изјави дека понудата ја поднел незвисно, без договор со други економски оператори спротивно на прописите за заштита на конкуренцијата, како и дека не учествува во истата постапка со други економски оператори со кои е капитално, сопственички или роднински поврзан. Целта на ваквата одредба е да се засилат механизмите на зајакнување на фер конкуренцијата и да се намалат договарањата помеѓу понудувачите.

Дали договорниот орган има обврска да одговори на прашањата поставени од страна на економските оператори ?

Договорниот орган согласно со член 39 од законот, е должен да одговори на сите дополнителни прашања кои економските оператори можат да ги постават во врска со тендерската документација, под услов прашањата, да бидат поставени најмалку 3, односно 6 дена пред крајниот рок за поднесување на понудите или пријавите за учество.

Согласно со ставот2од истиот член, договорниот орган, во најкус можен рок, во писмена форма, одговара на прашањата, а одговорот, без надоместок го доставува до сите економски оператори кои подигнале тендерска документација.

Истовремено напоменуваме дека неодговарањето на прашањата доставени од економските оператори можат да бидат и основ за покренување на постапка за правна заштита.

Ако се направи измена во тендерската документација, дали договорниот орган треба да го продолжи крајниот рок за доставување на понудите?

Договорниот орган може по свое наоѓање или врз основа на поднесените прашања од економските оператори, да ја измени или дополни тендерската документација.

Соодветно на измените и дополнувањата на тендерската документација, договорниот орган задолжително го продолжува крајниот рок за поднесување на понудите или пријавите за учество за најмалку шест дена.

Дали се наплаќа надоместок за подигање на тендерската документација?

 Договорниот орган ја прави достапна тендерската документација на секој заинтересиран економски оператор со користење на електронски средства заради директен и целосен пристап преку ЕСЈН истовремено со објавувањто на огласот за јавна набавка. Тендерската документација како и обрасците кои се нејзин составен дел се прикачуваат во формат кој може директно да го користат економските оператори.За добивање на тендерската документација не се плаќа надомест.


Понуди од групи на Е. О.

Каков вид на договор во својата понуда треба да достави групата на економски оператори ?

Групата на економски оператори со својата понуда задолжително доставува и договор за поднесување на групна понуда. Со овој договор членовите на групата економски оператори меѓусебно и кон договорниот орган се обврзуваат на извршување на договорот за јавна набавка. Воедно, овој договор треба особено да ги содржи следниве податоци:

  • членот на групата кој ќе биде носител на групата, односно кој ќе ја поднесе понудата и ќе ја застапува групата пред договорниот орган,
  • членот на групата кој во име на групата ќе го потпише договорот за јавна набавка,
  • членот на групата кој во име на групата економски оператори ќе ја обезбеди гаранцијата на понудата во форма на банкарска гаранција или депонирани средства, доколку истата е предвидена во тендерската документација,
  • членот на групата кој ќе издаде фактурата и сметка на која ќе се вршат плаќањата,
  • краток опис на обврските на секој од членовите на групата економски оператори за извршување на договорот и
  • други податоци кои договорниот орган ќе ги утврди во тендерската документација

Под кои услови член во групата економски оператори не може да се повлече од групата до склучување на договорот за јавна набавка?

Член во групата економски оператори не може да се повлече од групата економски оператори до склучување на договорот за јавна набавка доколку:

  • е носител на групата економски оператори,
  • ја обезбедува гаранцијата на понудата во форма на банкарска гаранција или депонирани средства,
  • групата економски оператори не може да го докаже исполнувањето на критериумите за утврдување способност што се барале во постапката без тој член или
  • останатите членови од групата солидарно не ги преземаат обврските на членот од групата кој сака да се повлече од групата економски оператори.

Имено, повлекувањето на член од групата економски оператори спротивно на погоренаведеното ќе се смета за повлекување на групната понуда.

Кој ја потпишува изјавата за сериозност на понудата и изјавата за независна понуда кај понуда доставена од страна на група на понудувачи?  

Составен дел на групната понуда е договор за поднесување групна понуда со кој членовите во групата економски оператори меѓусебно и кон договорниот орган се обврзуваат за извршување на договорот за јавна набавка. Овој договор треба да содржи и податоци за: членот на групата кој во име на групата економски оператори ќе ја обезбеди гаранцијата на понудата во форма на банкарска гаранција или депонирани средства, доколку е предвидено во тендерската документација.

Договорниот орган може да бара гаранција на понудата во вид на банкарска гаранција или депонирани средства, а во спротивно задолжително бара изјава за сериозност на понудата и тоа задолжително го наведува во тендерската документација. Во случаите кога со понудата економските оператори задолжително треба да достават изјава за сериозност на понудата, се применува погоренаведеното, односно договорот за поднесување на групна понуда треба да содржи податок за членот на групата кој во име на групата ќе ја поднесе изјавата за сериозност на понудата.

Сепак, треба да се има предвид дека намената на изјавата за сериозност на понудата и изјавата за независна понуда, е сосема различна. Имено, изјавата за сериозност на понудата е алтернатива на гаранцијата на понудата и истата, претставува механизам кој е на располагање на договорниот орган и служи за санкционирање на несериозните понудувачи. Додека, изјавата за независна понуда е во функција на зајакнување на фер конкуренцијата и со истата, под целосна материјална и кривична одговорност се потврдува дека понудата е поднесена независно без договор со други економски опеартори како и дека не учествуваат во иста постапка или во ист дел од постапка со други економски оператори со кои се капитално, сопственички и роднински поврзани. Оттука, секој член на групата на понудувачи ја поднесува изјавата за независна понуда за својот субјект/правно лице, односно самостојно. Имено, не е возможно носителот на групата да ја поднесе изјавата за независна понудата во име на целата група на понудувачи.

Во случај на групна понуда, доколку еден член на групата не е регистриран на ЕСЈН, како да се провери дали за тој понудувач е издадена негативна референца во фаза на евалуација на понудите? Дали е потребно целата група да биде исклучена од понатамошниот дел на постапката?

Право на учество во постапка за доделување на договор за јавна набавка согласно со член 40 од законот,  има секој економски оператор и/или производител. По исклучок, ова право го губи економскиот оператор кој има една или повеќе негативни референци. Доколку е исполнет некој од условите за издавање негативна референца, договорниот орган треба да го констатира овој факт во одлуката за избор или за поништување на постапката. Воедно, негативната референца се објавува на ЕСЈН и истата е јавна, бидејќи ќе им биде потребна на другите договорни органи при вршење евалуација во нивните постапки за доделување договори за јавни набавки. Доколку, при проверка на негативните референци за одреден економски оператор добиете известување дека „бараниот економски оператор не е пронајден“, значи дека истиот не е регистриран. Со самото тоа што не е регистриран на ЕСЈН, значи дека и досега не учествувал во постапки за доделување на договори, па оттука ни нé можело да му се издаде негативна референца. Така доколку во конкретна постапка за доделување на договор за јавна набавка договорниот орган се соочи со ситуација каде во поднесена понуда од група понудувачи не се регистрирани сите понудувачи на ЕСЈН,нивната понуда не треба да биде отфрлена од оваа причина. Напротив, во интерес на начелото на конкуренција меѓу економските оператори, договорниот орган треба да ја прифати ваквата понуда од групата понудувачи и да им даде можност да учествуваат во понатамошниот тек во постапката. Воедно, на ЕСЈН постои можност од објавување на негативна референца и во случај кога економскиот оператор претходно не бил регистриран на системот, како би се избегнало ставањето на еден економски оператор во поповолна позиција од друг економски оператор.

Кој од критериумите за утврдување на способност на економските оператори, треба да ги исполнува индивидуално секој член на групата на економски оператори?

Критериуми за утврдување на способноста на економските оператори се:

  • лична состојба,
  • способност за вршење професионална дејност,
  • економска и финансиска состојба,
  • техничка или професионална способност,
  • стандарди за системи за квалитет и
  • стандарди за управување со животната средина.

Во случај на група економски оператори, сите членови на групата поединечно ја докажуваат својата лична состојба и способноста за вршење професионална дејност.                                                                             

Додека, економската и финансиската состојба и техничката и професионалната способност се докажуваат со земање предвид на ресурсите на сите членови на групата.


Согласност од советот за јавни набавки

Кога да барам согласност од советот во смисла на член 36-а од законот (обновено)

II. 1. Договорниот орган задолжително бара согласност од Советот пред да го објави огласот за јавна набавка на стоки и доставува соодветно образложение за потребата од набавка за која нема најмалку:
  • три производители на пазарот во Република Македонија и три производители на пазарите во странство што можат да ги исполнат барањата од техничките спецификации за поединечен дел кај постапките со барање за прибирање на понуди со проценета вредност до 5.000 евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ,
  • четири производители на пазарот во Република Македонија и четири производители на пазарите во странство што можат да ги исполнат барањата од техничките спецификации за поединечен дел кај постапките со барање за прибирање на понуди со проценета вредност над 5.000 евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ или
  • пет производители на пазарот во Република Македонија и пет производители на пазарите во странство што можат да ги исполнат барањата од техничките спецификации за поединечен дел кај отворената и ограничената постапка.

Во однос на овој став, особено е значајно договорниот орган да обрне внимание на следното:

  1. договорниот орган бара согласност од Советот согласно оваа одредба само во постапките каде има објава на оглас
  2. согласно овој став, без разлика на проценетата вредност и видот на постапката, договорниот орган задолжително бара согласност од Советот во случаите кога нема најмалку три, четири или пет производители (согласно со проценетата вредност) што можат да ги исполнат барањата од техничката спецификација (ова се однесува и кога се работи за делива набавка)
  3. Овој став се однесува само на стоки. Не се однесува на услуги и работи, односно за техничката спецификација кога предмет на набавка се услуги и работи.
  4. Ставот се однесува на прозиводители, а не на економски оператори
II.2. Во однос на вториот став од членот 36-а од законот, договорниот орган задолжително бара согласност од Советот пред да го објави огласот за јавна набавка доколку предвиди критериуми за утврдување способност, освен лична состојба и способност за вршење професионална дејност, кои може да ги исполнат:
  • три или помалку од три економски оператори на пазарот во Република Македонија кај постапките со барање за прибирање понуди со проценета вредност до 5.000 евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ,
  • четири или помалку од четири економски оператори на пазарот во Република Македонија кај постапките со барање за прибирање понуди со проценета вредност над 5.000 евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ или
  • пет или помалку од пет економски оператори на пазарот во Република Македонија кај отворената постапката, ограничената постапка, постапката со преговарање со претходно објавување оглас и кај конкурентниот дијалог

Договорниот орган треба особено внимание да посвети на следниве работи:

1. Cогласност од Советот по овој основ се бара само кога договорниот орган бара други критериуми, освен лична состојба (документите од член 147 став 2 од законот) и способност за вршење регистрирана дејност (ДРД), како на пример:

  • економска и финансиска состојба
  • техничка или професинална способност
  • стандарди за системи за квалитет или
  • стандарди за управување со животната средина

Доколку договорниот орган бара само лична состојба и способност за вршење регистрирана дејност, во тој случај нема потреба да бара согласност од Советот по овој основ.

2. Кај постапките до 5 000 евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ (Барање за прибирање на понуди), треба да има 4 економски оператори (ако има доказ за само 3 или помалку од 3 економски оператори, договорниот орган бара согласност)

3. Кај постапките над 5 000 евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ (Барање за прибирање на понуди), треба да има 5 економски оператори (ако има доказ за само 4 или помалку од 4 економски оператори, договорниот орган бара согласност)

4. Кај кај отворената постапката, ограничената постапка, постапката со преговарање со претходно објавување оглас и кај конкурентниот дијалог, треба да има 6 економски оператори (ако има доказ за само 5 или помалку од 5 економски оператори, договорниот орган бара согласност)

5. Овој став се однесува на стоки, работи и услуги

НАПОМЕНА: Договорниот орган треба да прави разлика помеѓу барањето согласност во однос на техничките спецификации (ставот 1 од членот 36-а) и барањето согласност кое се однесува на критериумите за способност (ставот 2 од членот 36-а). При истражувањето на пазарот, кога се утврдени и критериуми за способност (освен лична и професионлна сосојба) треба да се утврди дали економските оператори ги исполнуваат условите и од двете одредби. Доколку не исполнуваат една, тогаш се бара согласност за едниот услов, а доколку не се исполнети и двете одредби, се бара соглансост од Советот за двете одредби, во посебни барања.

Дали договорниот орган треба да бара согласност од Советот за јавни набавки во случаите кога ги користи моделите на тендерски документации?

Во рамките на своите законски надлежности, Бирото за јавни набавки подготвува модели на тендерска документација и модели на формулари за постапките регулирани со овој закон. Моделите на тендерски документации објавени на веб страната на Бирото за јавни набавки служат исклучиво како пример и договорните органи можат да ги користат истите, по претходно прилагодување и корегирање согласно со нивните потреби, но и спецификите на самиот предмет на набавка.

Воедно, согласно со член 36-в став 2 од законот, министерот за финансии на предлог на Советот ги пропишува формата и содржината на стандардните тендерски документации и стандардните технички спецификации, како и начинот на нивното користење од страна на договорните органи.  Доколку, договорниот орган ги користи овие стандардните тендерски документации и/или стандардните технички спецификации, нема обврска да бара соодветна согласност од Советот

Според тоа, потребно е да се прави разлика помеѓу стандардните тендерски документации и стандардните технички спецификации  и моделите на тендерски документации, бидејќи нивната функција е различна.

Дали договорниот орган треба повторно да бара согласност ако ја поништил постапката за еден дел, а склучил договор за друг дел, со тоа што следната постапка ќе има помала проценета вредност која одговара на друг вид на постапка?

Согласно со член 36-в од законот, договорниот орган нема обврска да бара согласност од Советот во случаите кога:

  • ги користи стандардните тендерски документации и/или стандардните технички спецификации или
  • повторува постапка во истата фискална година за која претходно добил согласност и која завршила со одлука за поништување на постапката, според истите услови што биле предмет на согласност од Советот.

Во извештајот до одговорното лице, договорниот орган треба да се повика на наведениот член и да наведе дека веќе добил согласност од Советот за истата тендерска документација и техничка спецификација, со тоа што не смее да прави измени во истите. Оттука, договорниот орган може да ја искористи истата согласност само во случај ако ја спроведе повторно истата постапка.

Доколку договорниот орган со промената на проценетата вредност прави и промена на видот на постапката, сметаме дека не е исполнет условот од член 36-в став 1 алинеја 2 од законот.

Дали договорниот орган треба да бара согласност од Советот ако спроведува постапка за доделување на договор за јавна набавка, во која ќе ја користи тендерската документација и техничката спецификација од претходната година за која има добиено согласност?

Договорниот орган нема обврска да бара согласност од Советот во случаите кога:

  • ги користи стандардните тендерски документации и/или стандардните технички спецификации или
  • повторува постапка во истата фискална година за која претходно добил согласност и која завршила со одлука за поништување на постапката, според истите услови што биле предмет на согласност од Советот.

Следствено на изнесеново, договнриот орган за да биде ослободен од обврската за барање согласност, потребно е да ги користи стандардните тендерски документации и/или стандардните технички спецификации, или пак, во случај кога кумулативно се исполнети следниве три услови, и тоа:

  1. постапката за јавна набавка за која добил согласност да завршила со одлука за поништување,
  2. да се работи за постапки кои се спроведуваат иста фискална година и
  3. во новата постапка да не бидат сменети условите од тендерската документација кои биле предмет на согласност.

Во сите други случаи, важат обрските за барање на согласност од Советот пред распишување на оглас.


Дополнителни работи, вишоци, кусоци и непредвидени работи

Дефинициите за вишоци на работи, кусоци на работи, непредвидени работи и дополнителни работи се пропишани со членот 3 од Законот за јавните набавки . Па според дефиницијата, вишоци на работи се количества на изведени работи што ги преминуваат договорените количества на работи согласно описот од предмерот и пресметката, додека пак кусоци на работи се негативни отстапувања на изведените работи во однос на договорените количества на работи согласно описот од предмерот и пресметката.

Додека, непредвидени работи се оние работи што со договорот не се опфатени, а кои мораат да се изведат заради пропусти и недостатоци во проектот утврдени од надзорниот орган и од проектантот, како и заради други работи утврдени со закон, а дополнителни работи се оние работи што не се договорени, а договорниот орган бара да се изведат.

Договорниот орган може да спроведе постапка со преговарање без претходно објавување на оглас за набавка на непредвидени работи, како и дополнителни работи или услуги кои не се вклучени во основниот договор, а кои поради непредвидени околности се нужни, под услов договорот да му се додели на изведувачот на работите или давателот на услугите од основниот договор кога таквите работи или услуги не можат да бидат технички или економски одделени од основниот договор без поголеми проблеми за договорниот орган или таквите работи или услуги, иако можат да се одделат од извршувањето на основниот договор, се неопходни за неговото завршување. Треба да се има предвид дека кај договорите за јавна набавка на работи, барање за  согласност се поднесува само во случај на дополнителни работи, а не и непредвидените работи, вишоците и кусоците. Така, за непредвидените работи договорниот орган задолжително спроведува постапка со преговарање без претходно објавување на оглас, но без обврска за барање согласност од Советот. Додека, вишоците и кусоците по правило се исплаќаат по склучување на Анекс договор, кој се склучува по добивањето на секоја времена ситуација, доколку во истата се прикажани кусоци и/или вишоци на работи. Пред склучување на овој анекс, договорниот орган не е обврзан да спроведе постапка со преговарање, ниту се пријавува на ЕСЈН. Исто така, со ваквиот анекс нема да се ревидира вкупниот износ на договорот, што значи дека тој не претставува финансиски анекс, туку само се утврдуваат вишоците или кусоците пред да се исплатат. Па така, овој анексот треба да содржи само неколку одредби со кои ќе се констатира дека во предметната времена ситуација се појавиле одредени вишоци и/или кусоци на количини кои се сметаат за договорени и деталниот преглед ќе оди како прилог на анексот.

Притоа, вкупната вредност на дополнителните работи, непредвидените работи и вишоците на работи или на дополнителните услуги не смее да надмине 30% од вредноста на основниот договор.