Министер

д-р Драган Тевдовски

Д-р Драган Тевдовски на местото министер за финансии во Владата на РМ доаѓа од позицијата вонреден професор на Економскиот факултет во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. На Економскиот факултет работи од декември 2002 година, најпрво како помлад асистент (декември 2002 година – септември 2007 година), потоа како асистент (септември 2007 година – септември 2010 година) и доцент (септември 2010 година - септември 2015 година). Во 2016 година ја добива наградата Најдобар научник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во областа на општествените науки за 2015 година. Истата година, врз основа на анкетата на порталот Fakulteti.mk, е избран за еден од Најинспиративните професори во Македонија.

Тевдовски магистрира на Економскиот факултет при Универзитетот во Белград, Р. Србија (декември 2006 година). Сите предмети на постдипломските студии ги положил со оценка 10. Во февруари 2010 година успешно ја одбранил докторската дисертација на Економскиот факултет во Скопје и се стекнува со титулата доктор по економски науки.

Во 2013 - 2014 година, остварува постдокторски студиски престој на CREATES, Aarhus University во Данска, во областа на економетријата.

Коавтор е на два универзитетски учебника („Статистика за бизнис и економија“ и „Вовед во анализата на временските серии“) и две научни монографии. Има објавено 45 научни трудови и 8 политички анализи. Некои од неговите трудови се објавени во престижни научни списанија: Economics of Transition, Economic Systems, Empirical Economics, Empirica, European Journal of International Management, Romanian Journal for Economic Forecasting, Global Labour Journal, Croatian Economic Survey и Economic Annals.

Во 2012 година ја добива годишната награда за истражување на меѓународниот Global Development Network за испитување на интеракциите на фискалната и монетарната политика во земјите со фиксен девизен курс, во соработка со Горан Петревски и Јане Богоев.

Неговите политички анализи се објавени од реномирани меѓународни институти, како FES, NDI, FEPS и SOLIDAR. Дополнително, пишува колумни на економски теми и досега има објавено 25 колумни.

Остварил пет студиски престои во странство: Универзитет Карлос III (Мадрид, Шпанија), Универзитет Рим III (Рим, Италија), Универзитет Џорџ Вашингтон (Вашингтон, САД), Универзитет во Стафордшир (Сток-он-Трент, Англија) и Универзитет Св. Климент Охридски (Софија, Бугарија). Учествувал на 95 научни конференции и семинари во странство. Работел на 9 меѓународни проекти.

Во рамки на Првата обука за инвестициони советници, организирана од страна на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, одржувал предавања по предметите: квантитативни методи и статистика и портфолио менаџмент. Дополнително, одржува курсеви и обуки за бизнис заедницата.