Маре Богева Мицовска

Маре Богева Мицовска

Д-р Маре Богева Мицовска е родена на 19.04.1974 година во Скопје. Во текот на школувањето постигнувала континуиран одличен успех. Студиите на Правниот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје ги завршила во предвидениот рок. Непосредно по дипломирањето се запишала на последипломските студии по Мегународно право на Правниот факултет Јустинијан Први - Скопје.

На 03.04.2009 година, успешно го одбранила магистерскиот труд на тема Усогласување на законодавството на Република Македонија со законодавството на Европската унија во областа на јавните набавки“, со што се здобила со академското звање, магистер по правни науки од областа на мегународно право. Веднаш по завршување на магистерските студии го продолжи своето надградување со запишување на докторски студии на Правниот факултет Јустинијан Први - Скопје. На 17.02.2012 година, успешно ја одбрани докторската дисертација на тема „Правната заштита во постапките за доделување на договори за јавни набавки, со што се стекна со академското звање, доктор по правни науки.

Во последните 12 години успешно работи на областа јавни набавки. Од декември 2000 година е ангажирана како помлад соработник во Министерството за финансии во Одделението за јавни набавки, а во 2004 година е вклучена во формирање на Секторот за системот за јавните набавки. Во 2005 година е вработена како советник, во рамките на Бирото за јавни набавки, орган во состав на Министерството за финансии. Во текот на својата работа учествувала на повеќе семинари и обуки во земјата и во странство од областа на јавните набавки.

Во периодот од 2006 - 2014 година работи како директор на Бирото за јавни набавки. Бирото за јавни набавки е институција на централно ниво што се грижи за развој на системот за јавни набавки обезбедувајќи законитост, рационалност, ефикасност и транспарентност во извршувањето на јавните набавки и охрабрувајќи ја конкуренцијата и еднаквост на понудувачите во постапките за доделување на договори за јавни набавки. Активно е вклучена во изготвувањето на легислативата (закони, подзаконски акти, уредби, правилници и др.) поврзана со јавните набавки, концесии и јавно приватно партнерство како и правната заштита во постапките за доделување на договори за јавни набавки.

Раководител е на работната група од Поглавјето 5 за јавни набавки за усогласување на националното законодавство со законодавството на Европската унија.

Во текот на својата работа, учествувала на голем број на семинари, обуки и конференции во земјата и во странство, во различни својства, од партиципиент, преку спикер, па се до претседавач со истите. Национален претставник е на Република Македонија во Советодавниот комитет за јавни набавки на Европската Комисија. Д-р Маре Богева Мицовска има напишано и објавено голем број на стручни трудови од областита на правото, особено за јавните набавки и правната заштита во постапките за доделување на договори за јавни набавки. Како позначајни дела во улога на коавтор може да ги издвоиме Лексикон на поими за јавни набавки 2009, Практична примена на законот за јавни набавки во 2008 и 2012 (второ издание), коавтор на учебникот - Право на јавни набавки 2011, многу брошури кој одработуваат посебни теми од областа на јавните набавки.