Едукација

Бирото за јавни набавки отсекогаш посветувало големо внимание на едукација и обука на кадарот кој работи во јавните набавки. Зајакнувањето на капацитетите на договорните органи и економските оператори за правилна примена на Законот за јавните набавки и другите прописи е еден од главните приоритети на нашето работење. Тоа го потврдуваат и препораките на Европската комисија во извештаите за напредокот на земјата.

Оваа едукација во најголем дел е наменета за лицата кај договорните органи кои секојдневно работат на подготовка на набавките, изработуваат тендерска документација, но и за оние кои се често дел од комисиите за јавни набавки. Од страна на приватниот сектор, едукацијата ќе им користи на лицата кои ги подготвуваат понудите, како и на одговорните лица кои одлучуваат кај економските оператори. Ова е дел од нашите напори за професионализација во јавните набавки, што треба да резултира во квалитетни постапки и компетентни одлуки кога се решава како се трошат средствата на даночните обврзници.

Со измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки од 2008 година, се предвидува системски пристап во едукацијата, со сеопфатна програма за обука која беше пропишана со „Правилник за програмата за спроведување едукација за јавни набавки, програмата за спроведување обука за обучувачи за јавни набавки, формата и содржината на потврдата за положен испит за лице за јавни набавки и за обучувач, како и висината на надоместокот кој го плааат учесниците на едукацијата“. Во исто време се презедоа и мерки за практична имплементација на едукацијата со одржување на обука на обучувачи кои ќе бидат ангажирани за реализација на предвидената програма.

Во 2012 година, беше донесен нов Правилник за програмата за спроведување едукација за јавни набавки, програмата за спроведување обука за обучувачи за јавни набавки, формата и содржината на потврдата за положен испит за лице за јавни набавки и за обучувач, како и висината на надоместокот кој го плааат учесниците на едукацијата („Службен весник на Република Македонија“ број 90/12), со кој е утврдена Програмата за едукација со Модулот за договорни органи и Модулот за еконосмии оператори.

Оваа година Бирото продолжува со својот амбициозен план за едукација со повеќе термини кои се предвидуваат за одржување на наставата и испитите. Едукацијата за договорните органи и економски оператори е интензивна и се спроведува во траење од 5 дена по 7 часа на ден.

Исто така, Бирото спроведува обука и за лицата чија што потврда за положен писмен испит по јавни набавки е истечена (План за едукација за еднодневните обуки), која е во траење од 7 часа. Обуката која Бирото ја спроведува за економските оператори е со траење од 2 дена, односно 14 часа (План за едукација за економски оператори). За оваа намена Бирото располага со современа училница во своите простории. Доколку сте заинтересирани за учество во едукацијата, можете да се пријавите тука, во зависност од расположивоста на слободни места за терминот кој е отворен за пријавување.